Независните листи за советници се добар почеток

На овие локални избори шансите на кандидатите од независните листи да остварат позитивен резултат се минимални бидејќи е воспоставен долгогодишен “дефектен” систем на врзани садови на изботниот процес воопшто, на локално и државно ниво. Систем, во кој исходот од изборите, односот на силите, зависи исклучиво од претходно договорениот должнички-доверителен однос на коалиционите “владетели” и “суверени” од кои наредните 4 години ќе зависи пред се нивната “светла” иднина.

Останува впечатокот дека електораторот е само изборен декор на денот на изборите, бидејќи голем дел од електоратот утредента, денот после изборите, се чуствува “изборно” измамен, уморен, разочаран, поради наглата промена и еволуција во ставовите, промена на принципите кои биле предизборно ветувани и во кои избирачите, барем добар дел од нив, верувале.

За понудениот, стручен, кадровски капацитет и потенцијал, во вака поставениот “суверен” дефектен систем, кој се нуди исклучиво од партиска база, не треба ниту да се трошат зборови. Битно е да се оствари “договорената” победа и да се воспостави “суверена” контрола над сите сегменти во општеството, контролирани од “стручен” и “професионален” кадар кој произлегува исклучиво од подобрата партиско-политичка матрица.

Како и да е, независните листи на кандидати за советници се во основа добар почеток и заслужуваат поддршка за да полека, но сигурно, започне процесот на деинсталирање на воспоставениот и наметнат систем на “бетонирани” коалиционо “сложно” договорени изборни победи, на кои “договарачите” треба само трпеливо да дочекаат да почне и да заврши изборниот ден. Се друго е претходно веќе завршено и договорено. Од утредента, следи книговодствено средување на испорачаните фактури и исполнување на обврските.