Комплекс на пропусти и одговорности за пожарот во тетовската болница

Кој ќе одговара за фактот дека дефибрилатор бил вклучен на продолжен кабел, потоа зошто немало прегради за да се успори огнот, како и тоа дали имало противпожарни апарати се прашањата кои произлегоа од првичните сознанија за истрагата за пожарот во ковид болницата во Тетово.

Првичните сознанија од истрагата за пожарот во ковид болницата во Тетово ја открија причината за трагичниот настан, но отворија и други прашања за тоа кој се може да сноси одговорност. Имено, во соопштението на тетовското обвинителство ,меѓу другото, беше наведено и дека кон ширењето на огнот придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постоеле прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот.

Адвокатот и поранешен судија во Кривичниот суд, Владимир Туфегџиќ вели дека во овој момент нема простор за било каков коментар, особено од причина што истрагата не е завршена.

„Во таа смисла сметам дека треба да се причека крајот на истражната постапка, а тоа значи да надлежниот јавен обвинител ги презентира официјално резултатите од целосно спроведената истрага и дури тогаш јавното обвинителство може да цени и да процени каква јавнообвинителска одлука ќе донесе. Се што би се коментирало пред тоа би значело шпекулација и на некој начин штети на самата истражна постапка и ја компромитира истрагата, бидејќи првичниот извештај за пожарот во модуларната болница е само еден дел, од еден сет на истражни дејствија и докази по кои претпоставувам дека постапува надлежниот јавен обвинител“, вели Туфегчиќ.