Судијата во Кривичниот суд, Владимир Туфегџиќ се повелкува од функцијата и побарал од Судскиот совет, од декември, повеќе да не ја извршува. Тој смета дека донесената одлука е исправна и образложува дека ако не напредува во кариерата поради нарушен систем на вредности, тогаш се губи смисла да се продолжи понатаму.
“Судската функција ја доживувам како престижна статусна функција која претставува предизвик, да се реализира судија од кариера преку постојано едуцирање и напредок во кариерата. Доколку не се оствари напредувањето во кариерата, како основна цел, мотив и двигател во секоја работа, особено на судската функција, поради нарушен систем на вредноста, тогаш почнува да се губи смислата и мотивот да се продолжи понатаму во истиот амбиент. После престанокот на мандатот, мојата кариера ќе продолжи понатаму како дел од угледна адвокатска канцеларија и ќе продолжам да се залагам за воспоставување на вистинските вредности и вреднување, особено за целосно елиминирање на политиката и политичките влијанија во правосудството”, напиша Туфегџиќ.
Судијата Туфегџиќ е избран во 2008 година. Тој има судено стотици предмети, меѓу кои познати на јавноста и се “Тврдина-таргет” за масовното незаконско преслушување, “Еразмус” за професорите обвинети дека барале секс и пари за оценки, “Трезор” за набавка на опрема за следење комуникации. Во 2011, Туфегџиќ беше судија кој ги замрзна сметките на телевизија “А1 он”, во својство на истражен судија.
